Обвинителството отвори предистражна постапка за специјалната обвинителка Катица Јанева. Постапува по поднесените кривични пријави од судијата Владимир Панчевски, за одлуката гевгелискиот суд да одобри наредба за претрес кај Панчевски дома и во судот. Тој пред речиси четири месеци поднесе три кривични пријави кои сега обвинителството ги споило во еден предмет на кој веќе се работи.
Сепак, нема детали кои мерки веќе се преземени и дали се сослушани специјалната обвинителка Катица Јанева и судијката Злата Попова од Гевгелија која ја одобри наредбата за претрес кај Панчевски.
Во октомври лани СЈО одзеде компјутери и мобилни телефони од поранешниот претседател на Кривичниот суд. Јанева се сомнева дека местел нивни предмети кај судии за кои сметал дека му се од доверба и имал директен пристап до АКМИС системот за електронска распределба на случаите.