Дома Македонија Заев се откажува од референдум за името, ќе се носи решение во...

Заев се откажува од референдум за името, ќе се носи решение во Собрание

502
0
АКЦИЈА

Премиерот Зоран Заев ќе го промени уставното име на државата, без притоа да го праша народот што мисли за тоа. Вака барем најавил тој на брифинг со уредници на медиуми, кој се одржал вчера вечер. Иако претходно најавуваше референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните, сепак, по последните случувања во договрите и преговорите со Грција, Заев изјавил дека Владата размислува референдумот да се одржи но да се пролонгира за понатаму за пред влезот во ЕУ, со цел јужниот сосед да не постави нови барања за влез на Македонија во ЕУ.

Заев претходно во неколку наврати најавуваше референдум за името. На 19 јануари годинава тој изјави:

„Гледате дека се води транспарентен процес, сакаме национален консензус да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна ќе најдеме решение за ова прашање што не измачува 25 години“.

По изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети на крајот на јануари, дека е најдобро решението за спорот за името до кое ќе дојдат државните врвови на Македонија и Грција да се реши како во случајот со Договорот со Бугарија, односно да се гласа во Собранието и да не се распишува референдум, Заев уште еднаш потенцираше дека референдум ќе има, посочувајќи дека ставот на СДСМ е дека сепак треба да има референдум.

– Јас на таа работа не гледам како на кочница. Гледам како на дополнителна гаранција за Грција дека решението е трајно и останува за век и веков. Тоа не е толку страшно или трагично или невозможно, бидејќи референдумите се спроведуваат по закон и по брза постапка – рече премиерот и претседател на СДСМ.

Иако ветуваше сега ретерира. Се откажува од референдумот за кој најавуваше дека ќе го има.  Сега пак најавува дека ќе се смени името, па дури потоа ќе има референдум – за едно десетина години пред влезот во ЕУ. Пракса на сите земји е да се одржи референдум, да се прашаат граѓаните пред земјата во која живеат да влезе во Унија со други држави.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, неодамна потенцираше дека национален консензус за името треба да има и тој на крај да биде потврден со референдум на кој народот ќе се праша за промената на името.

„Во однос на клучното прашање кое ни преостанува да го решиме за во НАТО, тоа е името, јас не можам да шпекулирам со точната формулација, меѓутоа таа ќе биде, дали сакате да влеземе во НАТО, ова е моја интерпретација, ако треба да имаме друго име за меѓународна употреба, значи ќе се праша народот и за влегување во Сојузот“, изјави Стево Пендаровски.

Одговорноста за промена на името, јазикот и идентитетот ќе ја има Владата која ќе ја донесе одлуката. Покрај Ахмети и останатите коалициони партнери на Заев бегаат од референдум. Претседателот  на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов посоли дека каков и да е компромисниот договор, конечната одлука требало да ја донесе Парламентот, а не граѓаните на референдум, со што народните избраници ќе ја преземеле одговорноста за иднината на државата како легитимни претставници на народот.

 

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here