Синојка во градот под Марковите Кули, повеќе стотици прилепчани одржаа протестен собир заради одбрана на националните интереси на Македонија и нејзиниот опстанок, како што беше речено. Организатори беа претставниците на македонското патриотско здружение “Пере Тошев” од Прилеп, а се обратија претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, професорката Виолета Ачкоска, аналитичарот Сотир Костов и Горан Стојаноски во име на организаторите. Македонскиот народ доколку биде потребно, треба да го направи и вториот АСНОМ , со што, повторно ќе си ја врати државотворноста и ќе ги елиминира сите штетни договори поради кои може да се сруши суверенитетот и единството на Македонија, беше пораката од прилепскиот собир.
– Главната порака која вечерва ќе биде упатена до граѓаните е дека единствена партија, религија и мајка за сите нас е Македонија. Треба конечно да се обединиме, без разлика на партии, идеологиии, леви и десни за да си ја одбраниме Татковината бидејќи е загрозена во нејзиното опстојување, ќе останеме без држава, затоа треба обединети, силни со голема љубов да ја браниме Македонија- рече професорката д-р Виолета Ачкоска.
Македонија во моментов се наоѓа во состојба на распаѓање, па затоа во Прилеп се одржа овој собир за заеничка Македонија, смета аналитичарот Сотир Костов.
– Луѓето кои ја издадоа Македонија сега владеат со неа, тоа е една власт наметната од страна, бидејќи луѓето кои победија, сега или се во опозиција или во затворите. Ние сме само тие кои го одржуваат духот за заедничка Македонија – рече Костов.
Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, изјави дека доколку Владата не ги прекине сите штетни договори за Македонија, тие ќе бараат самораспуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори.
– Од слободарски Прилеп упатуваме пораки за семакедонско обединување во одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата. Бараме крај на разговорите за името на државата, бараме повлекување на законот за јазиците, го отфрламе договорот Заев-Борисов и бараме ослободување на сите притворени и затворени во врска со настаните од 27 април. Доколку Владата не ги прифати овие барања бараме самораспуштање на Собранието и распишување на вонредни парламентарни избори- рече Тодор Петров во синоќешното обраќање.
Организаторите највија дека овие мирни протести ќе продолжат и во другите градови , а Прилеп отсекогаш бил иницијалната каписла за одбрана на националните интереси на Македонија.