Врховниот суд им го замени затворскиот притвор на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски со куќен притвор.
Мукоски и Василевски беа последните пратеници од ВМРО ДПМНЕ кои беа во затворски притвор.
Врховниот суд соопшти дека ја прифатиле жалбата на адвокатите на Чавков, Мукоски и Василевски кои бараа укинување на мерката притвор и нејзина замена со поблаги мерки.
Врховниот суд , затворскиот притвор го замени со куќен и за Горан Ѓошевски, од обезбедувањето на поранешниот спикер Трајко Вељановски, за Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР и за Мумир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.
За осомничените пратеници Љупчо Димовски , Јохан Тарчуловски, за Елена Божиновска и за организаторот на протестите „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Врховниот суд им ја укинал мерката куќен притвор и им определил мерки на претпазливост да се јавуваат еднаш неделно во основниот суд на чија територија имаат живеалиште.