Дома Македонија Интервју Притворите за опозиционери фрлаат сенка на ветувањето за кристално чист изборен процес

Притворите за опозиционери фрлаат сенка на ветувањето за кристално чист изборен процес

188
0
АКЦИЈА
Љупчо Пренџов, Потпреседател на ГРОМ

“Во овој момент на македонското општество му треба претседател каков што е кандидатот на граѓанте, Гордана Силјановска Давкова. Ни треба мудрост за да ставиме крај на интеретничките поделби пред се во македонскиот дел. Ни треба претседател кој не бил во високата политика изминативе години на создавање на нетрпеливост и омраза која постои меѓу граѓаните, вели Пренџов”

Што велите за ситуацијава во земјава, имаше многу случувања?

Пренџов: Република Македонија го живее еден од најтешките периоди од своето постоење. Нашето општество стана општество на изневерени очекувања, на излажани и изманипулирани граѓани со повредено достоинство, економски уништени и со нејасна перспектива. Станавме држава во која секојдневно слушаме како се отвораат фабрики и нови работни места, а истите никој не ги видел. Држава во која просечната плата расте секојдневно а јавната потрошувачка бележи фрапантен пад. Држава во која владата ги враќа младите кои се исселиле а гледаме редици пред амбасади и полни автобуси на млади кои си заминуваат од тука. Држава во која денес се распишува тендер за вакцини, а утре се прогласува епидемија за која истите ќе бидат потребни…

Пред парламентарните избори имавме ветувања за подобар живот. Оваа влада ветуваше 30 проценти повеќе субвенции за земјоделците и сточарите, а денес гледаме како земјоделските култури скапуваат по улиците а министерот ги навредува сточарите. Ветуваа повисоки пензии за пензионерите а истите добија нивно намалување. Така е и во јавниот сектор. Така е и во образованието. Веќе никој не зборува до каде е студентскиот град во Скопје или до каде е новиот студентски кампус во Штип?

Веќе никој не зборува за тоа до каде се шестоте нови километри автопатишта кои требаше да бидат изградени или пак до каде се 550те километри нови магистрални патишта?

Во изминативе две години ако нешто оваа влада успеа во целост е тоа што сите даноци ги покачи и направи рекорден Буџет (се разбира дека додека беа опозиција, го ветуваа спротивното).

Сакам да кажам дека сме пример за општество на изневерени очекувања. Општество каде ненормалното станува нормално, каде некои медиуми ве убедуваат за нешто за кое и самите новинари знаат дека е спротивно. Каде слободата е ограничена и говорењето во јавност мора да биде во рамките кои власта ,,ги дозволува“.

Станавме систем во кој власта се обидува да создаде само уценети, обвинети и замолчани политички противници, за да не дојде час во кој тие ќе бидат осудени, макар, и со јавно кажан збор за сите нивни неработења, недоследности и лажни ветувања.

Претстојат претседателски избори, каква кампања очекувате, или според вас на што треба да се стави акцент?

Пренџов: Сите чинители во македонското општество ветуваа и ветуваат кристално чист изборен процес. Сакам да потсетам дека со чинот на апсење и ставање во куќен притвор на вториот по големина опозициски лидер е изборна нерегуларност само по себе. Со апсењето на Стевчо Јакимовски и негово неутрализирање во домашен притвот, мислам дека најблаго кажано зборот кристален, веќе паѓа во вода. Власта од петни жили се труди секој оној кој има поголемо или помало влијание во јавноста, кај обичниот граѓанин, да го замолчи и предизборно да го тргне од политичката сцена. ГРОМ во ова предизборие, во изборната трка и после претседателските избори ќе покаже дека власта има пограшна перцепција и погрешен начин на делување. Како прво, неможат да уапсат толку опозиционери колку што продуцираат глупости на дневна основа, во сите сфери. Јавноста можат да ја лажат некое време – не можат цело време. А нас, само не прават поцврсти, поодлучни, поорганизирани и помотивирани од било кога предходно со цел да помогнеме да се стави крај на ова лудило во македонското општество.

Што велите каква би била ситуацијата по избори, кој би победил?

Пренџов: На овие избори имаме еден натпартиски – граѓански кандидат, во ликот на професорката Гордана Силјановска Давкова од една страна и господинот Стево Пендаровски како кандидат на власта на СДСМ и ДУИ од друга страна. Незнам зошто СДСМ упорно се обидува да го претстави како натпартиски бидејќи истиот не е. Никој не верува дека човек кој што еднаш бил кандидат за претседател на Македонија, потоа бил жесток опозиционер рамо до рамо со сите челници на СДСМ може да биде надпартиски, а не партиски. Никој не верува дека ако си на партиска листа на СДСМ и станеш пратеник во собранието на Република Македонија, па потоа СДСМ те поставува како НАТО координатор па повторно те кандидира за претседател на државата, можеш да бидеш неутрален, да ги претставуваш сите граѓани и етникуми. Во овој момент на македонското општество му треба претседател каков што е кандидатот на граѓанте, Гордана Силјановска Давкова. Ни треба мудрост за да ставиме крај на интеретничките поделби пред се во македонскиот дел. Ни треба претседател кој не бил во високата политика изминативе години на создавање на оваа нетрпеливост и омраза која постои меѓу граѓаните.

Некој кој што ќе не води до целта да бидеме економски силно, хомогено, мултикултурно и просперитетно општество. Затоа јас и мојата политичка партија овие надежи ги доверуваме на кандидатот на граѓаните и колаицијата „За подобра Македонија“ Гордана Силјановска Давкова.

Во јуни треба да има одлука од ЕУ за Македонија, многумина велат ќе има датум за старт на преговори…

Пренџов: Јас се надевам и силно посакувам конечно да ги започнеме преговорите со Европската унија. Македонија го заслужува тоа. Не само нашата местоположба на европскиот континент, туку и нашите вредности, култура и традиција не насочуваат кон големото европско семејство. Еконосмската соработка и просперитет исто така се врзани за, и со, земјите од Европската унија. Но, она што ме плаши е неисполнувањето на реформите кои се бараат, од страна на владата. Нема реформи во судството и обвинителството. Имаме политичка спрега помеѓу власта и правосудните органи како никогаш до сега. Наместо да еволуираме и да одиме чекор напред, ние, имам чувство како да се враќаме во 90-тите години. Институциите, а пред се тука мислам на полицијата и обвинителството, прераснаа во инструмент за политичка пресметка на власта со опозицијата. Во сите европски држави, пред секој избори, власта презентира што направила во периодот на своето владеење а опозицијата нуди свои решенија. Во Македонија, власта бидејќи нема со што да се пофали на ниту едно поле прибегнува кон конструкции и апсења на политички неистомисленици. Во секоја европска држава има криминал, корупција и останати девијантни појави. Разликата е што во нивните општества тоа се разрешува преку соодветни постапки и има епилог. Во Македонија, до ден денес немаме ниту почеток на постапка, а камоли епилог за, на пример спорните избирачки места каде што имаше гласања за 2 секунди, односно секаде онаму каде што се полнеа кутии за време на референдумското изјаснување. И вакви примери можеме да набројуваме до бескрај. Сепак, „на крајот на денот“ знам дека иако власта не заслужува било какви преговори со ЕУ, граѓаните и ова наше општество и тоа како ги заслужуваат, а Европската комисија ова ќе го препознае и ќе ги овозможи истите.

Интервју за Република

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here